Историја на Редот

Историја на Редот

AD VERITATEM IXo

ORDO TEMPLI ORIENTIS е Иницијантско Тело составено од мажи и жени кои ги прифатија принципите на Книгата на Законот, која беше пренесена од Алистер Кроули (1875-1947) во Каиро, Египет 1904 е.в. Комуникацијата беше остварена со Интелигенција која се претстави себе си како Аиваз, пратеник на хиерархијата која господари со нашиот вид. Книгата прогласува Нов Закон за човештвото и планетарна транзиција во Еонот на Хорус или Новиот Еон. Книгата се смета како совршен пренос на божественото, ослободена од сите грешки на човечко вмешување.

Алистер Кроули во најмала рака ќе биде запаметен како најголем окултен гениј на 20 век. Во Книгата на Законот е именуван како Пророк на Новиот Еон. Тој е енормно продуктивен како писател, неговите сопствени дела претставуваат најдобар водич до неговиот контроверзен карактер. Неговите биографи не успеаја да ја доловат неговата суштина, дури и во случајот кога не беа премногу непријателски настроени. Кроулиевото влијание врз модерниот окултизам е непроценливо, тоа продира во секоја Западна окултна школа. Оваа колекција на документи, која е мал дел од неговиот книжевен опус, му дава дури и на новиот читател особена импресија за Кроули.

О.Т.О. практикува јога, медитација, церемонијална Магика, кабала, дивинација и сродни дисциплини од Западната традиција на Мистерии. Нашиот централен главен штаб, долго време центриран во Беркли, Калифорнија сега е во Њујорк, со бројни групи раширени низ целиот свет. Редот е отворен за сите слободни и полнолетни мажи и жени (сега дефинирано 18 години) со добра препорака.

Степените на Редот, кои се опишани во неколку документи од Редот вклучени во ова издание, се изведуваат на церемонијален начин. Структурата на Степените кореспондира со Хинду системот на Чакри кој е прикажан на повеќе места во ова издание. Така серијата степени од Човек на Земјата целосно го активира спиритуалното тело на Иницираниот.

Покрај ритуалите од Степените, бројни тела на Редот регуларно ја изведуваат Гностичката Миса на О.Т.О. , која исто така е присутна во ова издание. Значењето на Мисата во рамките на О.Т.О. најдобро е илустрирана во Исповедите на Кроули, каде што тој го нарекува овој ритуал; “централна церемонија на неговата (од Редот) јавна и приватна прослава.”

Различни други групни ритуали се изведуваат, уникатни за секоја единица од Редот и главно се индикативни за поважните интереси на дотичната група. Тука можат да бидат вклучени други групни дела на Кроули, како што се Ритуалите на Елевзина, оригинална адаптација на разни митски циклуси, ревизии на соло ритуали за групно учество или други креативни дела.

ВОВЕД ВО ТАЈНИТЕ ДРУШТВА

Ние изнесуваме Знаење или Гноза која може да ја перцепира секое човечко суштество – дека “секој маж и секоја жена е ѕвезда.” Понатаму постулираме дека Божествената свест се заснова на искуство и дека одредени техники се вредни за да го индуцираат тоа искуство.

Религиозниот инстинкт е интегрален аспект на човештвото. Од дамнешни времиња луѓето се собираа за да ја бараат Вистината и тука лежат корените на Редот. Тајните друштва посветени на потрага по вистината постоеја во сите периоди и култури. Одритуалите за пубертет кај абориџините, екстатичното вртење на Дервишите, до грижливо изготвените церемонии на Масоните; целта е секогаш иста – програмирана измена на свеста во рамките на групниот амбиент.

Митовите кои ја објаснуваат појавата на свеста кај човечката раса биле континуиран културен феномен. Египќаните, Сумерите, Индијците, Кинезите, Грците, блиско-источните, Келтските и други цивилизации имаа Традиции на Мистерии со најважно социјално значење. Секоја од нив имаше подучувачки легенди за личности кои мистериозно се појавиле за да донесат цивилизациски дарови и спиритуална мудрост.

Овие преносни Сили различно биле сфатени како Богови, ангели, духови и мноштво други имиња. Токму на овие Суштества (без обѕир каква естетика е употребена за да се опишат) ние им ја припишуваме религиозната свесност која е пренесена преку О.Т.О. денес.

ERA VULGARIS

Медитеранските земји карактеристично функционираа како родно место на религиите и религиозните движења. Три од најголемите религии, Христијанството, Јудаизмот, Исламот се појавија во овој регион. Пред нивниот зачеток, уште од предисторијата староседелците ги обожаваа божествата Оан, Озирис, Енки, Адонис, Атис и други. Токму затоа подрачјето е едно од необичните религиозни вкрстени- оплодувања со постојани политички немири.

Постојано се повторува историската тема за владите кои се обидуваат да ја контролираат религијата на луѓето со цел да постигнат стабилност. Во 325 е.в. Римскиот Император Константин собра група на религиозни лидери за да постигне свои цели. Тој стана првиот владетел кој го прифати Христијанството како државна религија. Соборот во Ница, или Ниценскиот Собор ја резимира иднината на религијата. Целта на средбата беше да се започне теолошка расправија. Губитникот беше анатемизиран и прогонет, неговите книги беа спалени и нивното поседување се сметаше за капитален прекршок. Хипокритското изгласување на првото верување на новата религија ја зацементира работата на Соборот. Сето ова се случи како дел од “добрата” насока на паганскиот Император, кој беше злогласен убиец и кој великодушно ги награди присутните бискупи откако беше завршена нивната работа. Стандардизацијата на Библијата следеше некоја година подоцна. Елементите на Мистицизам кои беа неспојливи со “реформата” беа вешто отстранети од Канонот.

Подмолните прогонства на Гностиците, Паганите и Евреите осигураа непостоење на филозофско ривалство со растечката Христијанска идеолошка консолидација. Во 391 е.в., побеснета Христијанска толпа ја разурна Александриската Библиотека и Храм (големата ризница на паганското учење.) Со ова беше зададен голем удар на духот на интелектуалното истражување и беше спречена можноста за откривање на измамата која беше изградена врз тогаш присутните остатоци од постарите култови.

Ересот стана популарна изрека за религиозна шпекулација. Филозофијата која беше толку високо ценета во паганското друштво, беше ограничена. Неколку векови изминаа пред освојувањето на моќта, кога оваа политика се претвори во масовни убиства, но увежбувањето на Инквизицијата беше на добар пат во меѓувреме. Еден пример е убиството на Хипатија во 415 е.в. Славен лидер на Неоплатонската Школа, таа беше расчеречена дел по дел од банда на разулавени Христијански монаси. Големиот Пан сигурно не беше мртов, но човек може да го замисли неговиот плач за човечките страдања што претстоеја.

КРСТОНОСНИ ВОЈНИ

Пред почетокот на Крстоносните војни во 1095, Европа беше во период на културна стагнација предизвикана од пропаста на Светата Римска Империја и од обидите на Црквата да присвои привремена власт над нејзините остатоци. Конфузијата што произлезе од тоа, водеше кон приграбување на раководната контрола од страна на бројни некогаш вазални принцеви кои овозможија подем на феудалниот систем. Хаотичноста на периодот најдобро е илустрирана од еланот на многубројните Европејци кои се придружија во крстоносните војни.

Светата Земја го содржеше семето на подоцнежната Ренесанса. Арапската култура беше во највисок подем и префинетост. Сега на религиозната мешавина од ова подрачје му беше придодадено и Европското Христијанство. Мистиците, Факирите, Зороастерците, Гностиците, Суфите и Будистите од регионот ја претставуваат калеидоскопската панорама на новодојдените крстоносци. Суеверијата и догмите на Католицизмот сигурно им изгледале прилично бледи во споредба со богатството и софицираноста на Ориенталните Теологии на кои тие сега биле изложени. Растечкиот сомнеж во однос на ексклузивното поседување на божествена наклоност од Христијанството постепено почнува да ја минира Ортодоксноста.

ВИТЕЗИ ТЕМПЛАРИ

Како резултат на Европското присуство, Војните Редови беа најстабилни институции во текот на 200 годишната западна окупација. Војниците беа секојдневно вовлечени во егзотичната култура од нивниот нов дом.

Најистакнат меѓу Војните Редови беше оној на Витезите Темплари. Основан од Хуго де Пајен во 1118, редот на почеток беше составен од 9 витези кои ги заштитуваа аџиите на нивните патувања во Светата Земја. Кралот Болдвин II, вториот Европски Крал на Ерусалим, ги награди со тоа што ги смести блиску до местото на Храмот од Соломон, од каде што доаѓа и нивното име.

Во 1126 Темпларите дојдоа под закрила на Св.Бернард од Clairvaux, највлијателниот и политички најмоќниот Католички теолог од тоа време. Тој енормно ги помогна нивните активности. На Соборот во Troyes во 1128, Св.Бернард претседаваше при пишувањето на нивните Правила, кои го диктираа однесувањето на членовите од Редот. Тие беа истовремено одобрени од Папата Хонориус. За краток период на време, тие натрупаа големо богатство и земја донирани од аристократите кои беа восхитени од нивната харизма.

Темпларските Правила постепено се проширија и вклучуваа тајни иницијации и приватни исповедници. Тие беа под директна контрола на Папата и не зависеа од ниеден Крал или нација. Со ослабувањето на Европските позиции во текот на 200 годишната окупација, Темпларите повеќепати беа обвинувани за таен заговор со непријателот. На пример, беше забележано дека боите на нивните наметки (црвен крст на бела позадина, прифатени во 1146) беа исти како оние од Асасините или Хашишимите. Асасините, основани 1090 од Хасан-и-Сабах, се развиваа како независна Шиитско – Исмаилска сила во рамките на надмоќниот Сунитско-Муслимански Свет. Тие стекнаа важност преку одржување на екстремно добро бранетите планински тврдини и преку политиката на селективни атентати. Нивната изолација и есенцијален фанатизам сугестираше вкоренета природа од неортодоксна природа. Постоењето на комуникација помеѓу Темпларите и Асасините е добро познато. Исто така вредно е да се споменат и хирархиските сличности помеѓу двата Реда. (Асасините беа поразени од Монголците во 1256, но нивните потомци сега живеат во Индија под водство на Ага-Кан.)

Европјаните конечно беа поразени во 1291 и Темпларите ја напуштија Светата земја. При нивното враќање во Европа тие беа поздравени со претпазливост. Нивното независно, вооружено присуство предизвика тензии, бидејќи повеќе не постоеше неопходен мотив за нивното постоење. Како и да е, со обѕир на тоа што беа Папска лична армија, тие сеуште ја уживаа неговата поддршка.

Конечно, заради злобата и алчноста на Кралот Филип на Франција и слабоста на Папата Клемент V, Темпларите беа уапсени во Франција во текот на една ноќ во 1307. (Филип изведе преседан за ова 8 години порано, апсејќи го секој француски Евреин.) Папата, под директива на Филип, издаде Европски едикт барајќи од сите нации да ги уапсат Темпларите во рамките на нивните граници. Едиктот беше игнориран или површно изведен од неколку нации, особено Германија, Шкотска, Шпанија и Португалија. Сепак француските, италијанските и англиските Храмови беа уништени, илјадници Витези беа убиени во следните 7 години и огромни богатства од Редот беа конфискувани од цивилни и религиозни авторитети.

Многумина мислат дека банкротираниот Филип ја здобил идејата за да го уништи Редот, кога се засолнал во Парискиот Храм заради заштита од разбунтуваната толпа која била разгневена од неговата монетарна политика и паричните манипулации. Во текот на тридневниот престој во Темпларското засолниште, тој ја увидол големината на нивното богатство. Бидејќи покрај другите работи, Темпларите воспоставиле практика на меѓународно банкарство кај Христијаните. Нивните многубројни тврдини покрај трговските патишта кои воделе кон Исток, служеле како ризници за кралевите, благородниците и трговците. Темпларите станале уште побогати со тоа. Друг мотив на Филиповото непријателство кон Редот бил во врска со неговата апликација за придружување кон Редот, некоја година претходно, која била одбиена од овие горди воини.

НАСЛЕДСТВОТО НА ТЕМПЛАРИТЕ

Темпларските преживеалци главно го смениле името на Редот, се здружиле со блиските Редови како Хоспиталиерите, или тивко влегле во илегала. Наше мислење е дека тие продолжиле да ги подучуваат доктрините и техниките што ги научиле и развиле на Исток – “тајните учења” на Редот. Понатаму ние тврдиме дека ова мошне чувано учење го овозможи подемот на окултните уметности во Европа.

Темпларското распрснување во 14 век послужи како основа за езотеричен препород во следните векови, па се до денешен ден. Првата пишана литература за Традицијата на Гралот се појави речиси истовремено со основањето на Редот на Темпларите. Темпларскиот феномен сигурно ги инспирира подоцнежните автори како Wolfram von Eschenbach, чиј Парсифал напишан кон крајот на 13 век, го открива симболизмот на ламенот од О.Т.О. Првата публикација на Parzival во печатена форма во 1477 блиску кореспондира со воведувањето на Таротот во Европа. Таротот вклучува, меѓу богатите нишки од својата таписерија, совршен сликовит приказ на симболите од Гралот. Интересно е што Св.Бернард и неговиот Цистерикански Ред се прифатени од Pauline Matarasso во Потрага по Светиот Грал како извор на монашки напатствија кои му се дадени на прислужниците на Гралот. Белите одежди на монасите, нивната доследна изолација како пустиници и доблестите кои му ги предаваат на Витезите се чиста Цистериканска доктрина.

Алхемијата разви значајна количина на литература во 16 и 17 век, за која сведочат делата на Парацелзиус. Публикацијата на Розенкројцерскиот Манифест во 1614 и 1615 го претстави концептот за Таен Ред на Адепти кој тивко ја води човечката судбина. Идејата го фасцинира Европскиот ум и стана модел за Моцартовата Волшебна флаута и други естетски теми и драми од тој период. Енохијанските дела на Д-р John Dee и Edward Kelly беа посебна точка на забрзување од оваа Струја. Плановите за утописка Грофовија на Фредерик V беа зачнати во овој значаен период, во кој исто така се случи подем на окултните светли ликови како што се Robert Fludd, Michael Maier, Elias Ashmole и Johann De Bry.

Големиот интерес за окултното со несмалена жестина продолжи во 18 век. Court de Gebelin ја воведе теоријата дека Таротот води потекло од Египет и има кабалистички кореспонденции со Хебрејскиот алфабет. Слободното Ѕидарство се рашири со рапидна стапка. Нивните Ложи одиграа стожерна улога во текот на Француската Револуција. За легендарните нејасни фигури на грофот Сент Жермен и Каљостро се веруваше дека организираат бунтови насекаде. Илуминатите, основани од Адам Вајсхаупт во 1776, се развиваа рапидно и предизвикаа бескрајни спекулации за политички заговор. Сеуште се шират гласови дека уништувањето на Француската Монархија во текот на Револуцијата беше наменето за да ја одмазди крвта на Темпларите која беше пролеана неколку векови претходно.

Во 19 век, Kenneth MacKenzie, Frederick Hockley, Eliphas Levi, Sir Edward Bulwer Lytton, Papus, P.B.Randolph, W.Wynn Westcott и други, пишуваа, практикуваа и ги подучуваа светите науки. Мадам Блаватска го основа Теозофското Друштво во 1875, годината на раѓањето од Crowley. Златна Зора беше основана во 1888 и вклучуваше во своето членство некои од водечките личности на Англиската литература и уметничките кругови. Учениот окултен мајстор S.L.MacGregor Mathers беше нејзин најзначаен лидер. Неговиот генијален придонес на развојот на Западната Кабала мора да се увиди пред да стане можно сфаќањето на Crowley-иевото дело. Crowley многу брзо се издигна во степените на Златна Зора, која послужи како негова окултна тренинг база.

КАРЛ КЕЛНЕР

Во 1895, Карл Келнер (1850-1905), богат Австриски индустријалец како и Масон од висок ранг, го основа Редот на Ориентални Темплари. Тој патуваше многу на Исток, каде што сретна три Адепти кои го упатија во специфични магиски пракси. Обидот на Kellner да го развие Редот беше подоцна потпомогнат од Franz Hartmann, Heinrich Klein и Theodor Reuss кои соработуваа заедно пред да се здружат во О.Т.О.. Редот за првпат беше прокламиран во 1902 во Масонската публикација Oriflamme од Reuss. После смртта на Kellner, Reuss го наследи како Надворешен Водач. “Јубилејното” издание на Oriflamme издадено во 1912, најави дека Редот ги подучува тајните на сексуалната магика. Theodor Reuss беше интересен карактер. Роден на 28 Јуни 1855 во Augsburg, тој влезе во Масонеријата во 1876 г. Reuss беше пејач, новинар и веројатно агент за Пруската политичка полиција, инфилтрирајќи се во Социјалистичката Лига основана од ќерката на Карл Маркс и нејзиниот маж. Reuss подоцна се поврза со William Wynn Westcott, лидерот на Златна Зора, кој пак го запозна со John Yarker. Yarker го овласти Reuss да ги основа Ритуалите на Мемфис и Мизраим во Германија. После неколку напори да ги конкретизира различните Масонски Ритуали, Reuss се оддаде на развојот на О.Т.О. .

Редот доживеа умерен и солиден развој под водството на Реусс. На пример, тој го овласти Papus во Франција, Rudolph Steiner во Берлин и H.Spencer Lewis во С.А.Д. .

Во 1912 се случи историската средба помеѓу Reuss и Crowley. Crowley пишува дека Reuss го посетил и го обвинил за откривање на тајните од Редот. Кога Crowley му возвратил дека нема поим за што се работи, Reuss му отворил поглавје од Книгата на Лаги . Тогаш Crowley погледнал уште еднаш и иницијантската интерпретација на сексуалната магика му се разоткрила за прв пат. Reuss го назначи Crowley за Врховен Свет Крал на сето Англиско говорно подрачје и токму на ова овластување тој се повикува кога се печатеше материјалот во The Equinox. Reuss се откажа од титулата Надворешен Водач на Редот (Outer Head of the Order= OHO) во 1922, откако доживеа срцев удар и го именува Crowley за негов наследник. Се беше добро се дури не се преведе Книгата на Законот на Германски во 1925.

Тогаш се појави прекин во континуитетот на Редот. Многу членови се разидоа со Новиот Надворешен Водач околу книгата, која Crowley активно ја промулгираше преку Редот. Тој претходно ги ревидираше ритуалите на Редот на барање од Reuss, длабоко инфузирајќи ја доктрината за откровенијата на Новиот Еон. Crowley издаде многу од неговите најважни книги под титулата imprimatur на О.Т.О..

Исто така, ги реформулира долгорочните цели на мисијата на О.Т.О. и гледаше на Редот како на “арка” за зачувување на прочистените светски култури во иднината. Ова гледиште е најдобро изразено од самиот Crowley во неговото резиме за системот на Редот; извадокот за ова од Исповедите е придодаден на изданиево.

Crowley успеа да поттикне неколку влијателни лидери во Северна Америка и токму на овие длабоки корени О.Т.О. го должи својот континуиран опстанок. Како што напиша во Liber Aleph, “Оваа Магика . . .многу зависи од Умешноста да се постават другите Волји во симпатично Движење; и најголемиот Magus може да не биде најуспешен – во однос на Концепцијата за Ограничувањето на Времето.”

О.Т.О. во Северна Америка беше формиран 1912 кога Charles Stansfel Jones ( повеќе познат како Frater Achad) здружи 12 искрени и заинтересирани соработници во близината на Ванкувер, Британска Колумбија, кои потпишаа формулар за согласност да ги примат иницијацииите до III0. Тие беа благовремено овластени како Агапе камп и Crowley зборуваше блескаво за нивната работа во Исповедите, каде ја прераскажува неговата инспекциска посета во Ванкувер.

Frater Achad, како Parzival Xо, продолжи да ја стимулира активноста на О.Т.О. во Канада и С.А.Д. повеќе години. Сепак беше оставено на еден од членовите на Ложата од Ванкувер, т.е. Wilfred T.Smith да ја основа првата Ложа во С.А.Д. во 1930г. – Агапе Ложата во Лос Анѓелес, Калифорнија. Во последните години на Crowley, Ложата Агапе беше единствено најактивно тело на Редот во светот, која го поттикна Бафомет (Crowley) да го назначи Smith како Ramaka X0 и привремено како негов планиран наследник за Надворешен Водач. Smith и членовите на неговата Ложа придонесоа многу во издавачките напори на Crowley и изведуваа Гностичка Миса неделно повеќе години. Жената на Братот Smith, Soror G ја продолжи неговата важна работа после неговата смрт, особено во книгоиздаваштвото преку нејзината фирма Thelema Publications. Таа остана уважен и активен член на Ложата Агапе до ден денес. Soror Meral, лидерот на Ложата 418, издавачот на In the Continuum и лидер на Колеџот Телема во Калифорнија ја зеде првата иницијација во Ложата Агапе, каде што беше инициран и покојниот Калиф Хименеус Алфа X0. Во членовите на Агапе Ложата се вбројуваше и славниот научник John W.Parsons, чија пионерска работа во Cal Tech’s Arroyo Seco (сега Jet Propulsion Laboratory) помогна директно во развојот на чисто ракетно гориво. Парсонс беше своевремено Мајстор на Ложата Агапе, а исто така беше со-основач на Aerojet General Corporation. На Месечината тој има кратер именуван во негова чест.

О.Т.О. ПО СМРТТА НА CROWLEY

После смртта на Crowley во 1947, со тестамент тој му ги остави сите авторски права, кои беа сеуште неополномоштени, и книжевни остатоци на О.Т.О, а за негов наследник како Надворешен водач на Редот (OHO) беше назначен Karl Germer т.е Frater Saturnus X0.

Germer долго време служеше како Главен Сеопшт Ризничар на Редот и Crowley-иев легат во С.А.Д., а Crowley уреди сиот гореспоменат имот да биде испратен кај Germer во новиот Главен Штаб на О.Т.О. во Њујорк. Неговата голема позиција во Редот, почитта и некои би рекле стравот од неговото командување овозможија тој да биде прифатен од сето членство како Crowley-иев природен наследник.

Germer беше роден во Германија во 1885. Тој имаше истакната војна кариера во I Светска Војна и беше активен во влијателното Германско движење Пансофија во 1920-еттите. Неколку години подоцна, кога Нацистите ја презедоа контролата, тој беше уапсен поради неговите врски со Слободното Ѕидарство и Aliester Crowley. Додека беше во злогласниот Берлински затвор Alexander-platz и подоцна во Белгискиот концентрационен логор, тој издржа голема немаштија рецитирајќи ги Светите Книги по сеќавање нанапред и наназад се додека не достигна Знаење и Разговор со неговиот Свет Ангел Чувар. Тој трудољубиво го помагаше Crowley особено во последните години од Crowley-евиот живот.

Гермер беше смирен човек оддаден на самоизолација. Редот престана да иницира нови членови под негово водство. Неговата политика беше речиси исклучителна концентрација на издавачката програма. Некои пријатни резултати беа остварени, вклучувајќи ги Магика Без Солзи, Евангелие по Свети Бернард Шо, Ревидираната 777, Визија и Глас (со коментари) и Книга на Лаги (со коментари).

Germer умре во 1962 без да именува наследник. Неговиот неполноважен тестамент упатуваше само имотот на Редот да биде разделен помеѓу “водачите” на Редот.

Наредните години немаше недостиг од баратели за раководната функција во Редот. Објавениот документ (не е приложен овде) говори сам за себе. Со малку работно истражување инволвираните страни можат да ги научат деталите за себе.

Ние (и од неодамна Владата на С.А.Д го легализира нашето мислење) сметаме дека наследството му е предадено на Мајор Grady Louis McMurtry, Калифот Хименеус Алфа. Неговото водство на Редот се потпира на неколку прилично јасни писма за овластување од самиот Crowley. Тие се сретнаа кога McMurtry беше млад Поручник во текот на II Светска Војна. Тој беше примен во О.Т.О. во 1941 год. во Агапе Ложата преку Jack Parsons. IX степен го прими директно од Crowley и му беа доверени документи за овластување во случај на нужност да ја преземе целокупната работа на Редот во Калифорнија (како што беше порано наведено, единственото функционално О.Т.О. тело во тоа време.) Crowley додатно го назначи McMurtry како негов личен претставник во С.А.Д., чиј авторитет треба да се смета исто како да е од Crowley. Овие две овластувања (charters) датираат од 22 Март 1946 и 11 Април 1946, беа подложни само на одобрување, вето или ревизија од Karl Germer.

Гермер беше добро запознат со овие овластувања бидејќи беше присутен на состанокот во Агапе Ложата на кој McMurtry ги презентира. Двајцата потоа кореспондираа во однос на плановите за легално инкорпорирање на Редот во Калифорнија. Во писмо до McMurtry, датирано на 24 Мај 1946 Germer пишува, “Сакам целосно да бидеш информиран, со обѕир на тоа што си одговорен пред 666 (т.е Crowley ) за Калифорниските активности, дека секој чекор што ќе одлучиш да го преземиш треба да има мое одобрување.” Без обѕир на нивните можни разлики, никаде не постои ниту најмала сугестија дека Germer размислувал да стави вето или да ги ревидира овластувањата на McMurtry.

Шест месеци пред неговата смрт, Crowley му пиша на McMurtry на 17 Јуни 1947. Тој наведе дека морал да бара негов природен наследник кој би можел да биде McMurtry, покрај тоа што Гермер е природен Калиф кој треба да се следи. McMurtry не се согласуваше со политиката на Гермер да не се иницираат нови членови. Тој се пресели во Washington D.C во 1961, најмногу за да избегне директна конфротација со Germer околу ова прашање. Таму учеше Политички Науки на Универзитетот Џорџ Вашингтон додека работеше како Аналитичар по Менаџмент за Владата. Исто така го раководеше Шекспировото Друштво од Вашингтон. Во 1969 година тој дозна за кражбата од 1967 на Библиотеката од Редот од домот на Г-ѓа Germer, при која таа беше брутално претепана. Тој веднаш ја откажа Владината Служба и се врати во Калифорнија да започне истрага, реактивирајќи го неговото овластување од Crowley како Суверен Голем Сеопшт Инспектор на Редот. Резултатите од неговото широко истражување беа испратени до соодветните авторитети, како и до г-ѓа Germer и формулираат дел од поглавјето за Соларната Ложа во книгата “Фамилија” на Ed Sander’s.

О.Т.О. ПОД КАЛИФАТ

Калиф Хименеус Алфа Кога McMurtry стана свесен за критичната состојба во која навлезе Редот после смртта на Гермер, тој беше приморан да се повика на документите за овластување во итен случај од Crowley. Неговиот прв јавен чин беше средувањето на публикацијата на Crowley/Harris Thoth Tarot карти во 1970.

Овој шпил има моќ да му помогне на Магичарот во призивањето на енергиите од Новиот Еон – визуелно средство за програмирање на свеста. Во 1983 тој ја издаде “Свети Книги на Телема”. Оваа колекција документи од класа А ги сочинува темелните списи на Телемитската религија. Двете публикации заедно го содржат суштинското наследство на пророкот, зборовите и сликите на Новиот Еон.

Во следните 15 години, откако McMurtry го презеде водството, Редот најмногу се разви, со Ложи, Оази и Кампови во С.А.Д., Канада, Англија, Јужна Америка, Германија, Балканот, Нов Зеланд и Австралија. Редот е како лотус која се отвора на зраците од Новоеонското Сонце. Денес сеуште се соочуваме со проблеми сепак “Постои успех” и ние непрестајно работиме. Редот го исполни критериумот за промулгација на Конституцијата од О.Т.О во С.А.Д. . Иако некои сугестии од Отворено Писмо до Оние Кои Ќе Посакаат да се Придружат на Редот (види infra) се покажуваат застарени во овие денови на премногу одредби ( навистина слободен железнички транспорт!) ние ги презентираме овие списи за да можеме повторно да ја потврдиме нашата верност на поставените принципи. Структурата која е замислена во овие документи е наша реалност и наша цел. Нивните зборови нека бидат водич на оние кои се избрани.

ПОСТСКРИПТУМ

Во текот на пишувањето на овој напис, 12 Јули 1985 е.в., нашиот Возљубен Калиф Хименеус Алфа го прослави големиот празник. На денот од неговата смрт Редот беше информиран за правната победа во Федералниот Суд на С.А.Д., кој го потврди нашето ексклузивно поседување на сите имиња, заштитни знаци, ознаки и авторски права кои се препишани од Crowley на Ordo Templi Orientis.

На 21 Септември нашиот нов Калиф беше прокламиран. Неговата посветеност на принципите кои се опишани на наредниве страни, не уверува дека тие ќе бидат имплементирани потполно и брзо. Неговиот прв акт на придржување до водството од Уставот (Конституцијата) беше да ја прифати одеждата на тајност која му следува на X0 и на Надворешниот Водач (OHO) во Книга 52 ( види infra). Неговата почит кон претходникот и неговата лоза го поттикна да го одбере името Хименеус Бета. Претходно беше член на Тријадата Човек на Земјата, а фактот на неговото издигнување до Frater Superior е доказ за магиската прикладност на сегашната манифестација на Редот. Како што е напишано во Книга 194: “Наследувањето на високата функција на OHO (Outer Head of the Order) е одлучено на начин која овде нема да биде кажан; но ова можеш да го научиш, О Брате Магичар, дека тој може да биде одбран дури и од степенот на Минервал. И овде лежи најсвета Мистерија.”

Наскоро после изборот, новиот Калиф ја реактивира Агапе Ложата како Интернационална Голема Ложа на Редот, лоцирана во Њујорк. Нова фаза од нашиот развој започна и ние гледаме со нестрплив поглед во иднината.

Љубовта е закон, љубов под волја.

FRATER AD VERITATEM IX0 Голем Сеопшт Секретар New York City Зимски Солстициум An IIIxv

Back To Top