Диодор Сицилиски за Изида

Диодор Сицилиски за Изида

13. И покрај овие, тие велат дека постојат други богови кои биле земски (терестријални), додека порано биле смртници, но кои поради нивната мудрост и добри дела, кои им ги направиле на сите луѓе, достигнале бесмртност, па некои од нив дури биле и кралеви на Египет. Кога ќе се преведат нивните имиња, во некои случаи тие се исти со оние од небеските богови, додека други имаат различни имиња, како што се Хелиј, Крон и Реа исто и Зевс, кој е наречен Амон од некои, а покрај нив и Хера и Хефест, па Хестија и на крајот Хермес.

Хелиј (Хелиус) беше првиот крал на Египќаните, а неговото име е исто како она од небесната ѕвезда. Како и да е, некои од свештениците тврдат дека Хефест бил нивниот прв крал, бидејќи тој бил откривач на огнот и го добил своето владеење заради оваа услуга што му ја сторил на човештвото; еднаш кога паднало дрво на планината од молња и шумата наоколу се запалила, Хефест отишол таму, зашто било зима и уживал во огнот; кога огнот почнал да се згаснува тој продолжил да му става дрва и додека го одржувал огнот го поканил остатокот од луѓето да ужива во предноста што доаѓа од него.

Потоа Кронос станал владетел и откако ја омажил сестра си Реа го зачнал Озирис и Изида, според некои митолошки автори, но според повеќето тоа биле Зевс и Хера, чии големи достигнување им донеле владеење над целиот универзум. Од овие подоцна се родиле пет богови, секој посебно во петте денови кои Египќаните ги вметнуваат (им се престапни); имињата на овие деца се Озирис и Изида, исто и Тифон, Аполон и Афродита; а Озирис кога ќе се преведе е ист со Диониз, а Изида е послична со Деметра отколку со другите божици; па откако Озирис ја ожени Изида и го наследи кралството тој направи бројни корисни дела за социјалниот живот на човекот.

14. Тие бележат дека Озирис бил првиот што го натерал човештвото да се откаже од канибализмот; зашто откако Изида ги открила плодовите од пченицата и јачменот, кои растеле на диво по земјата покрај другите растенија и кои биле сеуште непознати за луѓето, додека Озирис го измислил одгледувањето на овие плодови, на сите луѓе им било мило што ја промениле исхраната поради слатката природа на новите жита како и поради тоа што увиделе напредок ако се откажат од меѓусебното касапење.

Како доказ за откритието на овие плодови тие го прават следниот древен обичај, кој сеуште го зачувале; за време на жетва луѓето прават посветување на првите зрна од житото и стоејќи крај снопјето се удираат по гради и ја повикуваат Изида, па така со овој чин и оддаваат почит на божицата заради плодовите што ги открила за време на сезоната кога таа за првпат го направила тоа. Уште повеќе во некои градови во текот на Фестивалот на Изида, стебленца од пченица и јачмен се носат меѓу другите предмети во процесијата, како сеќавање на она што божицата толку остроумно го открила на почетокот. Тие велат дека Изида, исто така, воспоставила закони и во согласност со нив луѓето делат правда еден на друг и се наведени, преку стравот од казна, да се откажат од нелегално насилство и дрскост; поради оваа причина раните Грци на Деметра и го дале името Тесмофора, признавајќи со тоа дека таа првин им ги воспоставила нивните закони.

За Озирис се говори дека го основал египетскиот Тебаид, град со 100 порти, кои луѓето во неговото време го именувале по неговата мајка, иако подоцнежните генерации го викаат Диосполис, а негои го именувале Теба. Не постои усогласеност по прашањето кога бил основан овој град, ниту меѓу историчарите, ниту пак меѓу самите египетски свештеници; зашто многу автори велат дека Теба не била основана од Озирис, ами многу години подоцна од одреден крал за кој ќе говориме поопширно кога ќе дојдеме до неговиот период. За Озирис се говори оти им изградил храм на своите родители, Зевс и Хера, кој бил познат поради неговата големина и општо по големата вредност, како и две златни капели на Зевс, поголемата за него како бог на небото, а помалата за него како бивш крал и татко на египќаните, и во таа улога од некои е наречен Амон. Тој исто така направил златни капели за останатите богови кои беа спомнати погоре оддавајќи им почест на секој поединечно и доделувајќи им свештеници за да се грижат за нив.

Посебна почест во дворот на Озирис и Изида исто така им се даваше на оние кои ќе измислиле некоја вештина или изум за некој корисен процес; следствено на тоа, бидејќи бакарните и златните рудници беа откриени во Тебаид, тие обликуваа орудија со кои ги убиваа дивите ѕверки и со кои ја обработуваа земјата, па така посакуваното ривалство овозможи земјата да се култивира и тие направија слики на боговите и прекрасни златни капели за нивно обожавање.

За Озирис се говори дека бил исто така заинтересиран за агрикултурата и бил одгледан во Ниса, град во Арабија Феликс, блиску до Египет, како син на Зевс; така името што го носи кај грците е изведено од неговиот татко и од родното место,бидејќи е наречен Дионис. Ниса исто е спомната од поетот во неговите Химни за тоа дека е во близина на Египет;

Има една Ниса,
планина висока со густа шума,
во Феникија далеку,
блиску до Египетскиот тек .

И за откривањето на виновата лоза тие велат дека биле откриена од него кај Ниса, и откако открил како треба да се одгледува за нејзините плодови, тој бил првиот кој се напил вино и кој го поучил човештвото за лозата и употребата на виното, исто и за бербата и како да се складира виното. Озирис најмногу го ценел Хермес, кој бил надарен со невообичаена генијалност за измислување на работи со кои се подобрувал социјалниот живот на човекот.

16. Според нив, на пример, Хермес бил оној кој го прв го артикулирал општиот јазик на луѓето, и кој им дал називи на многуте безимени предмети, кој го измислил алфабетот и кој ги воспоставил прописите за почестите и жртвите на боговите; исто така, тој бил прв кој го забележал правилниот распоред на ѕвездите и хармонијата на музичките знаци и нивната природа, кој воспоставил школа за борење, и кој го разгледал ритмичното движење на човечкото тело и неговиот правилен развој. Тој ја направил и лирата со нејзините три жици, подражавајќи ги годишните сезони; зашто прифатил три тона, висок, низок и среден; високиот за летото, нискиот за зимата и средниот за пролетта. Грците беа подучени од него како да ги изложуваат (hermeneia) своите мисли, и поради таа причина тој беше наречен Хермес. Накратко, Озирис го зеде како свештенички писар, го контактираше за секое прашање и најчесто ги користеше неговите совети. Исто така, тие тврдат дека маслиново дрво е негово откритие, а не од Атена, како што велат Грците.

17. За Озирис велат, дека бил добротвор и желен за слава, тој собрал голема армија со намера да ја посети секоја населена земја и да ја подучи човечката раса како да култивира лоза, како да сади пченица и јачмен; зашто тој претпоставувал дека ако ги натера луѓето да се откажат од дивјаштвото и да прифатат попрефинет начин на живот, тогаш тој ќе прими бесмртни почести заради големината на неговите добродетелства. Така всушност и се случи, бидејќи не само што луѓето од неговото време ги примија овие дарови, ами и следните генерации исто така, заради уживањата што ги имаа во храната што беше откриена тие ги славеја оние што ги упатија како највозвишени богови.

Откако Озирис ги средил работите во Египет и и ја предал врховната моќ на неговата жена Изис, тие велат дека го поставил Хермес крај нејзе како советник заради неговата разумност со која се издигнал над сите кралски пријатели, а како генерал над земјата што била под негова управа го оставил Херакле, кој бил негов роднина и ценет заради неговата храброст и физичка снага, додека како управник го назначил Бузирис над оние делови од Египет кои лежат спрема Феникија и границата со морето, а пак Антеус над оние кои се граничат со Етиопија и Либија; потоа го напуштил Египет со неговата армија за да ја оствари својата кампања, земајќи го во своја придружба својот брат, кого Грците го нарекуваат Аполон.

Тие велат, дека баш Аполон е оној што го открил ловорот, венецот што сите луѓе го ставаат на главата од овој бог најмногу од другите. Откривањето на бршленот, исто е припишано на Озирис од Египќаните и е направено свето за овој бог, исто како што Грците прават за Дионис. На египетски јазик, тие велат, дека бршленот е наречен „растението на Озирис“ и во однос на посветувањето е поценет од лозата, оти последнава ги отфрла лисјата а бршленот останува зелен; истото правило, старите го следеја и во однос на другите растенија кои повеќе години се зелени, припишувајќи ја на пример миртата на Афродита и ловорот на Аполон.

18. Според египетскиот запис, Озирис на своите кампањи беше придружуван од своите два сина Анубис и Македон, кои се одликуваа по својата храброст. Двајцата од нив ја носеа најзначајната воена опрема, земена од одредени животни чиј карактер не се разликуваше од храброста на луѓето. Така Анубис носеше кожа од куче, а Македон предни делови од волк; и поради оваа причина овие животни се почитувани кај египќаните. Тој, исто така, го носеше и Пан на своите кампањи, кој посебно е ценет кај египќаните; затоа жителите на земјата не само што му подигнаа статуи во секој храм туку и именуваа град по него во Тебаид, кој е наречен од жителите (Chemmo) Хемо што кога ќе се преведе значи Градот на Пан.

Во неговата дружина имаше исто луѓе кои беа искусни во земјоделството, како што е Марон во одгледувањето на лоза, и Триптолем во садењето на жито и сите постапки до неговата жетва. Откако се завршија сите негови подготовки, Озирис им се заколна на боговите дека ќе ја остави својата коса да расте се дури не се врати во Египет, па потоа продолжи со патот низ Етиопија; и ова е причината на обичајот со растењето на косата кај египќаните се до последно време, зошто оние кои патуваат во туѓина ја оставаат косата да им расте се дур не се вратат дома.

Додека беше во Етиопија, нивниот запис продолжува, луѓето Сатири му беа донесени, за кои се говори дека биле обраснати на нивните слабини. Зашто Озирис сакаше смеа и музика и игра; па затоа со него зеде мноштво музичари, меѓу кои беа девет девојки кои умееја да пеат и беа упатени во други уметности, тоа се девојките кои кај грците се наречени Музи; а нивниот водач (hegetes), според записот беше Аполон, кој заради оваа причина беше наречен Музегет. Што се однесува до Сатирите, тие беа земени во кампањите, бидејќи беа умешни во играње и пеење и секој вид на релаксација и разонода; зашто Озирис не беше воинствен, ниту мораше да се припрема за борба или да прави воени подготовки, бидејќи сите луѓе го пречекуваа како бог заради неговите добродетелства. Во Етиопија тој ги упати жителите во земјоделието и основа некои значајни градови, па потоа остави луѓе да владеат со земјата и да собираат данок.

19. Додека Озирис и неговата армија беа ангажирани на таков начин, Нил за време на издигањето на Сириус, а тоа е сезона кога реката поплавува, ги проби насипите и поплави голем дел од Египет, особено делот со кој управуваше Прометеј. Беше уништено практично се во областа, па Прометеј беше толку натажен што сакаше дури и да се самоубие. Реката беше наречена Aetus бидејќи настапуваше многу брзо и со голема жестина; ама Херакле, бидејќи беше склон кон големи потфати и желен да стекне репутација на јунак, набрзина ја запре поплавата кај пробивот и ја врати реката назад кон нејзиниот претходен тек. Затоа некои од грчките поети го преработија настанот во мит, така што испадна дека Херакле го отепал орелот што му го јадел џигерот на Прометеј. Реката во најраниот период беше наречена Океан, што на грчки е Океанус; па поради таа поплава тие велат дека била наречена Aetus, а уште подоцна беше позната како Aegyptus по името на еден претходен крал на земјата. И поетот го потврдува сведоштвото на ова кога пишува @На реката Aegyptus (Eгипет) со моите извиени бродови престојував Тонис“, како што е нарекуван, во најрано време бил трговско пристаниште на Египет и таму реката се вливала во морето. Нејзиното последно име т.е. она што таа денес го носи го добила по претходниот крал Nileus (Нил).

Кога Озирис пристигна на границите со Етиопија, тој ја заузда реката со насипи на двата брега, за да не може, за време на поплава, да формира езерца со застоена вода низ земјата се до нејзиното повлекување; ами да може полека водата да надојде, доколку има потреба, преку портите што тој ги изгради. После ова тој го продолжи маршот низ Арабија крај брегот на Црвено Море па се до Индија и до границите на населениот свет. Не основа баш малку градови во Индија, а еден од нив го нарече Ниса, сакајќи да остави спомен за египетскиот град каде што беше одгледан. Исто така, тој засади бршлен во индиската Ниса, и низ земјата како и во оние земји кои се граничат со неа, па и во денешно време сеуште може растението само таму да се најде. Таму остави и многу други знаци на својот престој, а тоа причини Индијците да си го присвојат богот и да тврдат дека потекнува по раѓање од Индија.

20. Озирис исто така имаше интерес за ловење на слонови, и сегде позади себе оставаше испишани столбови кои говореа за неговата кампања. Тој ги посети сите други нации во Азија а премина и во Европа кај Хелеспонт. Во Тракија го отепа Ликург, кралот на барбарите, кој се противеше на неговите потфати; а пак Марон кој беше остарен го остави таму да ја надгледува културата на растенијата што ги воведе во таа земја и го натера да основа град таму што ќе го носи неговото име, т.е. Маронеја. Неговиот син пак Македон го остави како крал на Македонија, која беше наречена по него, додека на Триптолем му ја довери грижата за агрикултурата во Атика. Конечно, Озирис на овој начин го посети сиот населен свет и го унапреди друштвениот живот преку воведување на овошјето кое лесно се култивира. Доколку пак некоја земја не ја примаше лозата, тој им донесе пијалак подготвен од јачмен, кој е малку поинфериорен од виното во арома и во сила.

При своето доаѓање во Египет тој донесе со него најголеми подароци од сите краишта и заради големината на неговите добродетелства ја здоби бесмртноста, а тоа го одобруваа сите луѓе и му даваа почести еднакви на оние што му беа нудени на небеските богови. После ова тој премина од човечкиот свет во друштвото на боговите и прими од Изида и од Хермес жртвувања и секакви други највиоски почести. Овие, исто така, воспоставија ритуали за него и воведоа многу мистични работи, величајќи ја на тој начин моќта на Озирис.

21. Иако свештениците од најрано време го знаеја приказот за неговата смрт, што го сметаа за работа која не треба да се разоткрива; сепак со текот на времето преку некои од нив скриеното знаење биле објавено на луѓето. Ова е сторијата како што тие ја предаваат:

За време на владеењето на Озирис во Египет како законски крал, тој беше убиен од неговиот брат Тифон, кој бил насилен и безбожен човек; Тифон потоа го поделил телото на дваесет и шест дела и им дал по еден дел на секоја група од убијците, бидејќи сакал со нив да го сподели неделото и мислел дека на тој начин ќе има стабилни помагачи и бранители на неговото владеење. Меѓутоа, Изида (Isis) сестрата и жената на Озирис, го одмазди неговото убиство со помошта на нејзиниот син Хорус, па после убиството на Тифон и нејзиното соучеништво во чинот, таа стана кралица на Египет. Борбата меѓу нив се одвиваше на бреговите од Нил близу селото што сега е познато како Antaeus, за кое тие велат дека лежи на арапската страна од реката и го добило своето име по Antaeus, современикот на Озирис, кој бил казнет од Херакле.

Изида ги собрала сите делови на телото освен гениталите, и бидејќи сакала гробницата на нејзиниот сопруг да остане тајна, а сепак да и се оддаваат почести од жителите на Египет, таа ја исполнила целта на следниов начин. Околку секое парче од телото, како што тече приказот, таа изработила од зачини и восок човечка фигура со големина на Озирис; потоа ги повикала свештениците, група по група, и побарала од нив да и се заколнат дека нема никому да ја предадат нејзината доверба, па ја одвела секоја група настрана и одвоено им соопштила дека само на нивната група им го предава телото; откако ги потсетила на добродетелствата од Озирис таа ги натерала да го закопаат телото во нивната област и да му оддаваат почести како на бог, и да му посветат нему некое животно од нивниот крај, да му оддаваат нему почести дури е живо како претходно што му оддавале на Озирис, и при неговата смрт да организираат ист погреб како што му направиле нему. Изида сакаше да ги поттикне свештениците во оддавањето на почести па им остави третина од земјата за да се платат трошоците од обожавањето и службата на богот. Така свештениците кои ги паметеја благодетитет на Озирис и кои беа желни да и помогнат на кралицата, која ги молеше, а и ги наведе со нивните профити, направија точно онака како што им кажа Изида. Заради оваа причина, до ден денес секоја група на свештеници си мисли дека Озирис лежи закопан во нивната област, па му оддаваат почести на животните кои му беа посветени нему, и кога тие ќе умрат, ги обновуваат погребните ритуали за жалењето по Озирис.

Посветувањето пак на светите бикови, кои беа наречени Апис и Мневис, на Озирис, и нивното обожавање ко да се богови беше воведено генерално кај сите Египќани, бидејќи овие животни најмногу од сите помогнаа при откривањето на плодовите од житата, при сеењето на семето и при секоја агрикултурна работа од која има придобивки човештвото.

22. За Изида, се вели, дека по смртта на Озирис презела завет никогаш да не се омажи за друг човек, па го поминала остатокот од животот во владеење над земјата со целосен респект кон законите и ги надминала сите владетели во чинењето на разните добрини на своите потчинети. Како и нејзиниот сопруг, така и таа при смртта ги примила почестите за бесмртност и била погребана во близината на Мемфис, каде што е поставено нејзиното светилиште во храмскиот комплекс на Хефест. Меѓутоа, според некои автори, телата на овие два бога не се во Мемфис, ами на границата меѓу Египет и Етиопија, на остров во Нил, кој лежи во близина на градот наречен Philae, кој заради овој погреб е наречен Свето Поле.

Како доказ на тоа тие ги наведуваат остатоците кои сеуште ги има на островот, и на гробницата градена за Озирис, која е почитувана од сите свештеници на Египет, и на триста и шеесетте садови за либација; зашто свештениците задолжени околу овие садови секој ден ги полнат со млеко и пеат цело време жалопојки дур ги повикуваат имињата на овие два бога. Заради оваа причина на патниците не им се дозволува да стапнат на овој остров. А и кај сите жители на Теба, која е најстар дел од Египет, веруваат дека најсилна заклетва е кога човек ќе се заколне со „жими Озирис кој лежи во Фила /Philae/.”

На деловите пак од телото на Озирис кои беа најдени им се оддаде почест со погребот на начин како што беше опишано погоре, а пак гениталиите беа фрлени од Тифон во Нил, зашто никој од соучесниците не сакал да ги земе; Изида нив ги сметала како вредни за божествена почит како што се и другите делови, па направи слични предмети на тие гениталии, ги постави во храмовите, нареди да се почитуваат, и ги направи предмети на најголема почит и почест во ритуалите и жртвувањата на богот. Како резултат на тоа Грците, исто така, бидејќи ги примија од Египет прославите на оргиите и фестивалите поврзани со Дионис, ги почитуваат гениталиите во мистериите и иницијациските ритуали и жртвувањата на овој бог, нарекувајќи ги со името фалус.

23. Бројот на годините од Озирис и Изис па до владеењето на Александар, кој го основал градот со негово име во Египет, е повеќе од 10.000, но според други писатели, нешто помалку од 23.000 год. Има и такви кои велат дека богот бил роден од Семела и Зевс во Беотиска Теба; за нив свештениците говорат дека тие само си измислуваат приказни. Зашто тие велат дека Орфеј при посетата на Египет учествувал во иницијацијата и мистериите на Дионис и ги прифатил па заради чест кон наследниците на Кадмо, на кои им бил благонаклонет поради оддадените почести од нивна страна, тој го пренел раѓањето на богот во Теба, па обичните луѓе делумно заради незнаење делумно заради желба да имаат бог како Грк, желно ги прифатиле неговите иницијациски ритуали и мистерии. Тоа отприлика го навело Орфеј да го пренесе раѓањето и ритуалите на богот.

Кадмо, кој бил жител на египетската Теба, имал неколку деца, меѓу кои и Семела; таа била силувана од непознат човек, станала трудна и по неколку месеци родила дете кое на Египќаните им изгледало слично на Озирис. Сепак вакво дете случајно не опстанува во живот, бидејќи тоа е спротивно на волјата од боговите или пак бидејќи природните закони не го дозволуваат тоа. Кога Кадмо откри што се случи, добивајќи истовремено одговор од еден оракул/пророчиште со кој му се заповеда да ги испочитува законите на татковците, тој го опсипа детето со злато и ги направи прикладните жртвувања и почести, врз база на тоа дека имало некаква епифанија од Озирис меѓу луѓето. Татковството од детето му го припиша на Зевс, на тој начин величајќи го Озирис и одбегнувајќи го убиството на неговата силувана ќерка; и тоа е причината што приказната на Грците им беше предадена како Семела, ќерката на Кадмо, да била мајка на Озирис, а таткото бил Зевс.

Во подоцнежно време Орфеј (кој беше високо ценет меѓу Грците заради неговото свирење, иницијациски ритуали и божествени подуки) беше забавуван како гостин од потомците на Кадмо и доби необични почести во Теба. Бидејќи беше упатен во учењата на египќаните за боговите, тој го пренесе раѓањето на древниот Озирис во поновите времиња, и заради почит кон потомците на Кадмо, им воспостави нова иницијација во ритуал во кој на иницијантите им се предаваше подука дека Дионис бил роден од Семела и Зевс. Луѓето ги почитувале овие иницијациски ритуали, делумно бидејќи биле наведени со нивното незнаење, делумно заради довербата што ја имале во Орфеј и неговата репутација во овие работи, а најмногу од се бидејќи им било мило да го прифатат богот како грк, зашто така се сметало тогаш. Подоцна откако запишувачите на митовите и поети го презеле овој приказ за нивното потекло, театрите станале исполнети и меѓу следните генерации сторијата станувала се поцврста и поубедлива. Општо земено, грците си ги присвојувале најславните египетски херои и богови како и колониите што биле испратени од нив.

24. Херакле на пример, по раѓање бил Египќанец, кој заради доблеста на неговата мажествена сила, го посетил поголемиот дел од населениот свет, го поставил својот столб во Либија; а нивните докази за ова тврдење ги влечат од самите грци. Иако генерално е прифатено дека Херакле се борел на страна на олимписките богови во нивната војна со гигантите, тие велат дека во никој случај не се совпаѓа гигантите да се родиле во период во кој – како што велат грците – живееел Херакле; а тоа било генерација пред Тројанската војна, ами повеќе како што вели нивниот запис, кога човештвото за првпат се појавило на земјата; зашто од претходното до сегашното време египќаните пресметуваат дека имало 10.000 години, а од Тројанската војна помалку од 1.200 год. На сличен начин дрвениот стап и лавовската кожа се прикладни на нивниот древен Херакле, зашто во тие денови оружјето не било измислено, и луѓето се бранеле од нивните непријатели со дрвени стапови и ги користеле животинските засолништа како одбранбен оклоп. Тие исто така, го назначуваат како син на Зевс, ама за идентитетот на мајкаму тие не знаат ништо. Синот на Алкмена кој беше роден по повеќе од 10.000 години и беше наречен Алкеј при раѓањето, во подоцнежниот живот стана познат како Херакле, не зашто стекна слава (kleos) со помош на Хера, како што вели Matris, ами зашто ги прифати истите принципи од древниот Херакле, па така ги наследи неговата слава и име.

Преданието на египќаните, исто така, се согласува со традицијата што им беше предадена на грците од дамнешно време се до моментот каде се тврди дека Херакле ја исчистил земјата од диви ѕверки, сторија која на ниеден начин не е погодна за човек што живеел во период близу Тројанската војна кога поголемиот дел од населениот свет бил напреднат од дивјачкото време преку агрикултура па имало устроено градови и повеќето луѓе биле населени низ земјата.

Според тоа оваа ослободување на земјата повеќе му прилега на човек што живеел во раното време кога луѓето биле заточени од множеството на диви ѕверки, ситуација што била вистинита особено за Египет, каде горниот дел дури и денес е пустина и намножен со диви ѕверови. Навистина е разумно да се претпостави дека тоа била првата грижа на Херакле за родната земја, и дека откако ја исчистил земјата од ѕверовите им ја направил достапна на селаните и заради неговото добродетелство му биле дадени божествени почести. Исто се говори за Персеј дека бил роден во Египт и дека потеклото на Изис е префрлено од Грците во Аргос преку митот што говори дека Ио била претворена во јуница.

25. Општо земено постои големо несогласување околу овие богови. Зашто истата божица од некои е наречена Изида, од други Деметра, Тесмофора, Селена, Хера а трети пак и ги припишуваат сите овие имиња. Озирис е нарекуван Серапис од некои, Дионис од други или Плутон, Амон, Зевс а многумина го сметаат Пан дека е истиот бог; а некои велат дека Серапис е богот што грците го нарекуваат Плутон.

Што се однесува до Изида египќаните велат дека таа е откривач на многу лековити билки и дека е многу упатена во исцелителската наука; сега откако ја стекнала бесмртноста таа наоѓа големо уживање во самото исцелување на човештвото и им дава помош во сонот на оние што ја повикале, јасно манифестирајќи го своето присуство и добродетелство кон луѓето што бараат помош. Како доказ на тоа тие не разгледуваат легенди како што прават грците, ами прикажуваат факти; практично целиот населен свет е нивен сведок преку редовното оддавање на почести кон Изида,

заради нејзиното манифестирање при лекувањето. Лебдејќи над болните во нивниот сон, таа им дава помош за нивните болештини и изведува извонредни исцелувања на оние што и се обраќаат; и многумина од кои лекарите се откажале поради тешкотијата на нивната болест се оздравени од нејзе, додека многумина кои го изгубиле видот или функцијата на некој друг дел од телото, кога и да се обрателе за помош на божицата биле оздравени во претходната состојба.

Исто така, таа открила билка која дава бесмртност, со помош на која не само што го воскреснала од мртвите нејзиниот син Хорус – кој бил предмет на завера од страна на Титаните и бил најден мртов под вода – туку и му ја вратила душата и го направила бесмртен. Излегува дека Хорус е последниот од боговите кој бил крал откако таткому Озирис заминувал од овој свет. Уште повеќе тие велат дека Хорус кога ќе се преведе е Аполон и откако мајкаму Изис го упатила во медицина и дивинација, сега тој е добродетел на човечката раса преку неговите пророчки одговори и исцелувања.

26. Египетските свештеници, го пресметале времето од владеењето на Хелиј до преминувањето на Александар во Азија и рекле дека тоа изнесува заокружено на 23.000 години. И како што велат нивните легенди, најдревниот од нивните богови владеел повеќе од 12.000 години, а последователните не повеќе од 3.000. Но бидејќи големиот број на години ги надмина верувањата, некои луѓе го задржале верувањето дека – во раните времиња пред да биде признато движењето на Сонцето – годините биле сметани според лунарниот циклус. Следствено на тоа, бидејќи годината се состоела од 30 дена, не било неможно некои луѓе да живееле 12.000 години; бидејќи во наше време кога нашите години имаат 12 месеци, малкумина едвај доживуваат 100 години. Слично објаснување тие даваат и за оние кои наводно живееле 3000 години; имено во нивно време годината се состоела од четири месеци, кои ги содржат сезоните од секоја година т.е. пролет, лето и зима и поради оваа причина кај Грците годините се наречени „сезони“ (horoi) а нивните годишни записи се наречени хорографи“. Понатаму Египќаните говорат во нивните митови дека во времето на Изида, имало одредени суштества со многу тела, кој се наречени Гиганти од Грците, а од нив . . . и тие биле претставени на нивните храмови ко луѓе со монструозна форма кои биле натепани од Озирис. Сега некои велат дека тие биле родени од земјата во времето кога генезата на живите битија се одвивала преку земјата, додека пак други велат дека се работи само за луѓе кои имале невообичаена физичка сила, кои направиле многу дела и затоа во митовите се опишани дека имале многу тела. Но општо е прифатено дека сите гиганти биле уништени, откако се дрзнале да ја започнат војната против Зевс (Ѕевс) и Озирис.

27. Египќаните, исто така, направија закон обратен од општиот човечки обичај, дозволувајќи им на мажите да ги оженат своите сестри, а ова се должеше на успехот што го постигна Изида; зашто таа се омажи за брата си Озирис и при неговата смрт зеде завет никогаш за друг да не се омажи, таа го одмазди убиството на својот сопруг и кралуваше сиот свој век над земјата со целосна почит за законите, со еден збор, беше причина за повеќе и поголеми благослови на луѓето од кој бил друг. Ете заради овие причини, беше наредено кралицата да има поголема моќ и почест од кралот и во личните односи жената да ужива поголем авторитет од мажот; мажите се согласувале во брачниот договор да бидат покорни во сите работи на нивните жени.

Знам дека некои историчари го даваат следниот приказ за Изис и Озирис; дека нивните гробници се во Ниса во Арабија, и дека заради тоа Дионис е наречен Нисејски. На тамошното место стои стела на секој од боговите која има напис во хиероглифи. На стелата од Изис е запишано:

„Јас сум Изида, кралицата на секоја земја, онаа која беше поучена од Хермес, и сите закони што ги воспоставив ниеден човек не може да ги занемари.“
„Јас сум најстарата ќерка на најмладиот бог Кронос.“
„Јас сум жена и сестра на кралот Озирис.“
„Јас сум онаа што прва им ги откри овошките на луѓето. Јас сум мајка на кралот Хорус.“
„Јас сум онаа која се издига во ѕвездата што е во Констелацијата на Куче; од мене беше изграден градот Бубастус.“
„Збогум, збогум, О Египте што ме одгледа.“

А пак на стелата од Озирис за написот се говори дека е следен:

„Татко ми е Кронос, најмладиот од сите богови и јас сум Озирис кралот, кој отпатува во секој земја се до ненаселените области во Индија и земјите на северот, дури и до изворите на реката Ister, и повторно кој останатите области на светот толку далечни колку што е Oceanus. Јас сум најстариот син на Кронос, излезен од сино и благородно јајце, од семе сродно на она што го роди Денот. Нема регион во населениот свет кај што не сум бил, ширејќи им ги на сите луѓе работите кои ги открив.“

Тие велат дека толку од записите на стелите може да се прочита, но останатото од напишаното кое било со поголем обем, беше уништено од времето. Како и да било ова, различни прикази за погребите на овие богови се наоѓаат кај различни автори заради фактот што свештениците ги имаа примено точните факти за овие работи како тајни кои не треба да се откриваат; тие не сакаат да им ја кажат вистината на луѓето зашто сметаат дека опасност го чека секој оној кој ќе им го открие на простиот народ тајното знаење за овие богови.

Trinc no.5

Back To Top