Нов Еон

Нов Еон

Прави што ти е волја и тоа нека биде цел Закон

Како што сите би требало да знаете, влеговме во Нов Еон. На светот му е дадена Повисока Вистина. Таа вистина спремно ги очекува сите што сакаат свесно да ја прифатат, но таа мора да се согледа пред да се сфати; а тие што го прифатиле овој закон и се трудат да живеат според него од ден во ден се повеќе ја согледуваат неговата Убавина и Совршенство.

Тоа ново учење во почетокот е необично; Умот е неспособен да разбере повеќе од фрагменти на неговото вистинско значење. Дури и кога живееме според тој Закон, фрагментот може да се прошири во бескрајна концепција на целината.

Сакам да споделите со мене еден мал дел од таа Голема Вистина што ми се прикажа ова Неделно утро. Сакам да ја преминете со мене – ако ви е волја – граничната линија на Стариот и да погледнете во Новиот Еон. Тогаш, ако тој аспект ве задоволи, вие ќе останете или може повремено да се враќате таму; но кога еднаш патот е отворен и патеката согледана, секогаш ќе бидете во состојба да се вратите таму во еден миг со едноставно пренасочување на внатрешниот вид кон Вистината.

Вие знаете колку длабоко не импресионираат идеите на Изгревот и Заоѓањето на Сонцето и како нашите древни браќа, гледајќи дека Сонцето ноќе го снемува и повторно се јавува наутро, ги базираа своите религиозни идеи на тој концепт на Умирачки и Воскреснувачки Бог.

Тоа е централна идеја на религијата на Стариот Еон, но ние не ја оставивме зад себе, иако се чини дека таа е втемелена во Природата ( а симболите на природата се секогаш вистинити); ние сепак ја надраснавме таа идеја, навидум вистинита во Природата. Бидејќи е сфатен и овековечен овој голем Ритуал на Жртвување и Смрт, ние преку откритијата на научниците, осознавме дека Сонцето не е тоа што изгрева и заоѓа, туку дека Земјата на која живееме се врти околу себе така што нејзината сенка не двои од Сонцето, за време на она што го нарекуваме ноќ. Сонцето не умира како што мислеа нашите стари браќа; тоа постојано блеска, секогаш ја шири Светлината и Животот. Застанете за миг и создадете си јасна претстава на тоа Сонце, како блеска наутро, блеска напладне, блеска навечер и блеска ноќе. Ја имате ли таа идеја јасно во главата? Преминавте од Стариот во Новиот Еон.

Да разгледаме што се случи. Што сторивте за да ја создадете таа ментална слика на вечно- блескавото Сонце? Вие се идентификувавте со Сонцето. Ја пречекоривте свеста на оваа планета; и така за момент се гледавте како Соларно Суштество. Зошто потоа пак се вративте?

Можеби тоа го направивте ненамерно, зашто Светлината беше толку силна што се пристори како Темница. Но, направете го тоа пак, сега потполно и ајде тогаш да разгледаме каква промена ќе се случи во нашата концепција на Универзумот.

Оној момент кога се идентфикувавме со Сонцето сфативме дека ние станавме извор на Светлината, дека ние и сега блескаме величенствено, ама исто така сфативме дека таа Сончева Светлина повеќе не ни блеска нам, дека повеќе не можеме да го видиме Сонцето, исто како што во нашата слаба Староеонска свест не можевме да се видиме себе си. Секаде околу нас е вечната Ноќ, но таа е Ѕвездена Светлина на Телото од нашата Дама Нуит во која живееме, се движиме и во која е нашето Битие. И тогаш од таа висина ние повторно го насочуваме погледот кон малата планета Земја, чиј дел пред малку бевме и замислуваме како ја шириме нашатаж Светлина на сите оние што ги нарековме нашите браќа и сестри, на робовите што служат. Но, ние не се запираме тука. Да помислиме дека за момент Сонцето ги концентрира своите зраци на една малечка точка, планета Земја. Што се случува? Таа согорува, таа е разорена, таа исчезнува. Ама во нашата Соларна Свест се наоѓа Вистина и иако за момент фрливме поглед на малата сфера што ја оставивме зад себе и што ја нема повеќе, сепак “нешто останува”. Што останува? Што се случи? Сфаќаме дека “секој маж и секоја жена е ѕвезда”. Го разгледуваме нашето големо наследство, го гледаме Телото на нашата Дама Нуит. Не сме во темница; сега сме и многу поблиску. Тоа што (од оваа мала планета) личеше на дамка од светлост сега блеска како другите големи Сонца, а тоа се всушност нашите браќа и сестри чија суштествена Ѕвездена природа досега не ја согледавме и разбравме. Тоа се остатоци од оние што мислевме дека сме ги оставиле зад себе.

Тука има многу простор, секој патува по својата вистинска Патека, се е Среќа.

Сега, ако сакате да се вратите назад во Стариот Еон, направете го тоа. но имајте на ум дека оние околу вас всушност се Сонца и Ѕвезди, а не мали робови што треперат. И ако не сте сами спремни да бидете Крал, треба да знаете дека тие имаат право да Кралуваат, исто како и вие, кога и да сакате да го прифатите тоа. А во моментот кога тоа ќе го посакате, треба само да се сетите на ова – гледајте на работите од гледна точка на Сонцето.

Љубовта е закон, љубов под Волја

 Frater Achad. Еквинокс, Том III бр.1

Back To Top